Дрога складирале во импровизирани бункери, Обвинителството отвори постапка против три лица од Скопје

Тројца скопјани на возраст од 20, 21 и 26 години се осомничени дека неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, соопшти Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.

„Од ноември 2024 година до март 2025 година, пријавените, како и други засега непознати лица, заедно, со намера да продаваат, во нивната држава и на повеќе локации низ Скопје, ја складирале наркотичната дрога марихуана и амфетамин во импровизирани бункери во општина Бутел“, се вели во соопштението на ОЈО Скопје.

Полицијата извршила осум претреси на различни локации, при што биле пронајдени над 800 грама марихуана, помало количество амфетамин и други предмети со траги од дрога.

Форензичките вештачења на отпечатоци од прсти и ДНК материјали на пронајдените сокриени наркотици ги потврдија трагите на осомничените“, соопштија од скопското обвинителство.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Кривичниот суд во Скопје поднесе предлог тројцата осомничени да бидат притворени поради опасност од бегство и повторување на кривичното дело.