Владејачкото мнозинство не се откажува од Законот за игри на среќа. И покрај ветото на претседателот Стево Пендаровски и укажувањата од европските институции дека се злоупотребува европско знаменце во Собранието, овој предлог-текст повторно ќе се најде пред пратениците наредната недела, во трето читање. Пратеникот на ДУИ, Арбер Адеми најави дека битката ќе се водела до крај. Ако и овојпат законското решение биде усвоено, шефот на државата ќе биде приморан да го потпише указот и законот би стапил во сила.
„Ние сме со интересот на граѓаните. Претседателот Пендаровски направи голема грешка, штитејќи ги асоцијацијата на казината и обложувалниците“, рече Адеми.
Според Адеми, граѓаните биле огорчени што Законот за игри на среќа не го поминал филтерот на претседателот Пендаровски. Тоа, како што вели, Адеми, одело во прилог единствено на одбложувалниците.
„Кој протестира пред Собранието? Казината и обложувалниците. Кој е за овој закон? Демократската унија за интеграција и сите тие 55 пратеници кои гласаа на второ читање за донесување на овој закон“, додава Адеми.
Од Кабинетот на Пендаровски претходно истакнаа дека измените на законот биле донесени преку несоодветна употреба на забрзаната процедура, односно со европско знаменце, без притоа да постои било каква релеватна ЕУ-директива во овој случај, со која домашното законодавство би се усогласило со европското.
Претседателот повика законот да се разгледува во редовна процедура и повика на широка дебата со сите засегнати страни. Тој исто така додаде дека ова било прво законско решение за кое Европската Унија писмено реагирала, барајќи да не се злоупотребува европското знаменце. Употребата на европското знаменце претходно подлежеше на критики и во Извештајот на Европската Унија. Инаку, законот за игри на среќа, меѓу другото, предвидува објектите за игри на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основните и средните училишта, со цел, како што се вели во законот, заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст.