Еве во каква состојба е Силвио Берлускони: Ова го соопшти докторот

Лекарот кој го лекува Силвио Берлускони од белодробна инфекција денеска изјави дека поранешниот италијански премиер добро реагира на терапијата во одделот за интензивна нега во болница во Милано, пренесе италијанската новинска агенција АНСА.

Докторот Алберто Зангрило, кој исто така ја води единицата за интензивна нега во болницата Сан Рафаеле, каде Берлускони беше примен во средата, рече дека поранешниот премиер и покрај сериозната болест и навистина тешката ситуација, добро реагира на терапијата, објави АНСА.

Зангрило на почетокот на неделава откри дека Берлускони (86) веќе некое време боледува од хронична форма на леукемија.

Берлускони денеска го посети долгогодишниот советник Џани Лета, кој рече дека го нашол во подобра состојба отколку што очекувал.

Претходно оваа недела, лекарите на Берлускони рекоа дека лекуваат белодробна инфекција. Берлускони исто така има историја на проблеми со срцето, а во 2020 година беше хоспитализиран поради инфекција со корона вирус и пневмонија.