Еве зошто Ливерпул не доби чист гол: Судиите објаснија како настанала грешката

Ливерпул загуби со 2:1 од Тотенхем во неверојатен натпревар. Иако играше со играч помалку од 26. минута, а со двајца помалку од 69. минута, на 30 секунди до крајот беше 1:1, а потоа Џоел Матип си постигна автогол.

Многу полемики предизвика судењето на Сајмон Хупер, неговите помошници и ВАР-собата, а најмногу за поништениот гол на Ливерпул.

Луис Дијаз погоди во 34. минута за водство на Ливерпул од 1:0, но помошниот судија покажа офсајд. Таа одлука беше потврдена по многу кратка проверка на ВАР. Во ВАР собата заклучија дека воопшто нема потреба да се цртаат линии за да се види дали се работи за офсајд.

Меѓутоа, и со голо око можеше да се види дека офсајдот, во најмала рака, е сомнителен, а потоа бројни ТВ куќи ги исцртаа своите линии и покажаа дека нема офсајд.

Многу брзо по крајот на натпреварот, судиската организација ја призна грешката. “Судиската организација е свесна за значајната човечка грешка која се случи на натпреварот помеѓу Тотенхем и Ливерпул.

Голот на Луис Дијаз беше поништен со сигнализирање на помошникот судија на натпреварот што беше очигледна грешка и голот требаше да биде досуден.

ВАР не интервенираше. ПГМОЛ ќе анализира како дошло до таква грешка и ќе контактира со Ливерпул и ќе ја признае грешката“, стои во официјалното соопштение.

Неколку часа по објавувањето на оваа изјава од Премиер лигата, имаше објаснување како воопшто можеше да се случи ваква огромна грешка.

Имено, како што тврди судиската организација, судијата на ВАР, Дарен Ингланд, мислел дека голот бил признат. По кратка проверка, тој се уверил дека нема офсајд и само го извести судијата Хупер дека „проверката е завршена“ и дека нема ништо спорно.