Еве кој ја финансира изградбата и за што ќе служи гондолата „Новак Ѓоковиќ“?

Државата ќе обезбеди дел од средствата за изградба на гондолата Врњачка Бања-Гоч.

Претседателот на општина Врњачка Бања, Бобан Ѓуровиќ за ТВ Врњачка бања изјави дека на неодамнешната средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, „дадена е согласност, поддршка и учество на државата во проектот за изградба на гондолата Врњачка Бања-Гоч. “.

Тој додаде дека проектот е оценет како проект од национален интерес и дека во него државата ќе учествува со свои средства заедно со семејството Ѓоковиќ.

Проектот е вреден 60 милиони евра. Гондолата долга 7,1 километар ќе има 112 кабини и 47 столбови на патеката.

Според Ѓуровиќ, една кабина ќе биде за бизнис, за деловни состаноци, а една за свадби, што, како што рече, ќе биде своевидна атракција, пренесува еКапија.

ТВ Врњачка Бања објави дека во завршна фаза е нацрт-планот за општа регулатива на Гоча со кој ќе се регулираат видовите градби на оваа планина, материјалите што можат да се користат за изградба на индивидуални објекти и слично.

Како што претходно беше најавено, гондолата ќе го носи името на Новак Ѓоковиќ, а се планира и ресторан, продавница за сувенири, боб и зип-лајн на меѓустаницата и на излезната станица.