Еврокомесарот Шмит заинтересиран да биде „шпиценкандидат“ на европските социјалисти 

 Еврокомесарот за работни места и социјални права, Луксембуржанецот Николас Шмит најави дека е заинтересиран да биде водечки кандидат на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) на изборите за членови на Европскиот парламент во јуни следната година. 

– Внатрешниот процес на селекција е во тек и слушнав дека се врти и моето име. Кога би ме прашале на крајот, би ја прифатил понудата, изјави Шмит за весникот „Луксембургер Ворт“. 

Изборот на водечки или „шпиценкандидат“ беше една од темите на Конгресот на ПЕС во Малага, одржан изминатиот викенд во шпанскиот град Малага. Сепак, се очекува водечкиот кандидат на ПЕС да биде избран на посебен партиски Конгрес за таа цел на почетокот на следната година.  

„Шпиценкандидатот“ е лидер на изборна кампања на европските политички партии за изборите за членови за Европарламентот и најверојатен нивни кандидат за иден претседател на Европската комисија.  

Потпретседателот на ЕП и сопартиец на Шмит, Марк Ангел за „Луксембургер Ворт“ изјави дека актуелниот еврокомесар за работни места и социјални права би бил добар избор за водечки кандидат на ПЕС. 

– Никола Шмит е многу популарен во европските синдикални кругови, а исто така и меѓу социјалдемократските движења, за кои социјалните прашања се главна грижа, изјави Ангел. 

Доколку Шмит биде избран за „шпиценкандидат“ на ПЕС, тоа ќе му пружи можност да остане во Брисел и во следните пет години, имајќи предвид дека најверојатно нема да биде кандидат за член на новата Европска комисија од Луксембург затоа што неговата Луксембуршка социјалистичка работничка партија (ЛСАП) повеќе не е дел од Владата на земјата. 

Меѓутоа, според извори на „Еуроактив“, во редовите на ПЕС преовладува ставот за партиски „шпиценкандидат“ да биде избрана жена, а како најсериозен кандидат се посочува актуелната потпретседателка на ЕП и поранешна германска министерка во владите на Ангела Меркел, Катарина Барли, која најверојатно ќе биде и носител на листата на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) за европските избори.