ЕВРОПА ВЛЕГУВА ВО „ВОЈНА“ ПРОТИВ ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА: Нова работна група го истражува ChatGPT, Италија презентираше серија барања и рок

Европа започнува „војна“ против вештачката интелигенција и услугата ChatGPT. Италија издаде серија барања и краен рок за компанијата OpenAI.

Европското регулаторно тело за заштита на приватноста отвори специјална работна група за ChatGPT , јавуваат светските медиуми. Одлуката е донесена за време на состанокот на Европската канцеларија за заштита на податоци, тело кое ги обединува сите регулатори на европско ниво за да ја координираат нивната работа.

Кон крајот на март, Италија повика на забрана на ChatGPT поради наводна злоупотреба на податоците на италијанските корисници. Во исто време, започна истрага за можно прекршување на Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR).

Набрзо имаше реакции од целиот свет, а истрага поради слични информации покрена и Франција. Шпанската агенција за заштита на податоци побара ChatGPT да биде точка на дневниот ред на состанокот во четврток со цел да се постигне единствен одговор на европско ниво.

Европските агенции за заштита на податоци се согласија да основаат посебна работна група. Во исто време, Италија му даде рок на OpenAI, кој го создаде ChatGPT, до 30 април да ги усогласи своите операции со европските правила и предложи голем број корективни мерки.

Технолошката компанија ќе треба да објасни како се користат податоците на корисниците, на која правна основа ги обработува и ќе мора да постави алатки што ќе му овозможат на секој – не само на корисниците – да побара корекција или отстранување на личните податоци . Од компанијата исто така се бара да му дозволи на секое лице да има можност да бара неговите податоци да не се користат во моделот на вештачка интелигенција.

Потоа, до 31 мај, OpenAI има рок да предложи како ќе ја потврди возраста на корисникот, со цел да ги спречи децата под 13 години да ја користат услугата ChatGPT, како и постарите деца кои немаат родителска согласност. Од американската компанија исто така се бара да спроведе кампања на телевизија, радио, во весници и на Интернет за да ги информира луѓето за тоа како нивните податоци се користат за обука на модел на вештачка интелигенција.