Мароко, Шпанија и Португалија заеднички ќе бидат домаќини на Светското првенство во 2030 година, а таа година е ставена како реален рок за изградба на тунел што ќе ги поврзува Европа и Африка.
Идејата за изградба на тунел меѓу Шпанија и Мароко првпат се појавила во 1979 година, а деновиве повторно е оживеана и интензивно се дискутира во двете соседни земји, кои ги дели морето и Гибралтарскиот теснец.
Во моментов, летот меѓу шпанската метропола Мадрид и мароканскиот град Тангер трае околу час и половина. Ако некој го направи истото патување со автомобил, ќе му требаат околу девет часа и во одреден момент ќе треба да се качат на траект.
Новиот тунел би ја отворил можноста за директна железничка врска од Мадрид до Казабланка, целото патување би траело околу пет и пол часа и ќе има неколку постојки на рутата. Би поминувал под Гибралтар и би водел до Тангер, а оттаму до другите марокански градови.
Властите на двете земји пред неколку години започнаа анализа на старите планови од 1979 година и истражување на областа Гибралтарскиот Теснец за да утврдат колку е изводлив и одржлив проектот денес.
Одржани се повеќе состаноци на кои била изразена намерата за спроведување на планот, а префериран рок бил „што поскоро“, пренесува Путни кофер.
Посериозните преговори почнаа во февруари минатата година и продолжија до денес. Целта, како што се наведува, е „развој на добри односи меѓу двете земји, и развој на подобра инфраструктура и сообраќајно поврзување“.
Засега не се знае многу за деталите од самиот план и новиот тунел. Доколку се оствари планот, тунелот ќе биде долг 27,5 километри. Трошоците се уште не се познати, но се знае дека се работи за проект вреден повеќе од милијарда евра. Досега Шпанците само за истражување потрошиле 2,3 милиони евра.
Трасата на тунелот, според веб-страницата Railtech, би се протегала од Пунта Палома во Тарифа до Пунта Малабат во заливот Тангер. Би бил ископан на максимална длабочина од 300 метри и максимален наклон од три проценти.
Се проценува дека изградбата би траела околу пет години – доволно за тунелот да биде готов до фудбалското првенство. Доколку се оствари планот, убедени се иницијаторите, тоа ќе биде стратешки проект за Шпанија, Мароко, но и цела Европа и Африка.