ЕВРОПА ЈА ПОГОДИЈА КАТАСТРОФАЛНИ ПОПЛАВИ: Илјадници евакуирани, градови под вода, воз превртен од силен ветер (ФОТО, ВИДЕО)

Невреме со врнежи се забележани низ Европа, кои предизвикаа поплави во делови од Германија, Белгија, Холандија, Франција и Италија.

Во холандската провинција Лимбург утрово се евакуирани два кампа поради опасност од поплави, соопштија локалните власти.

На југозападот на Германија неколку стотици луѓе се евакуирани, а електраната е затворена поради поплави, јавија синоќа медиумите.

Жолта тревога за грмотевици во Франција

Лошо е времето и во Франција, а метеоролошката служба издаде жолт аларм за грмотевици за 39 департмани.

Ова вклучува делови од Ил-де-Франс, каде што департманите Ивелин, Есон и Сена-ет-Марн се во состојба на готовност поради силни бури што ќе продолжат до вечерта.

Речиси 10.000 удари од гром беа регистрирани низ Франција минатата недела, а повеќе невреме се очекуваат овој викенд, особено во западните, југоисточните и североисточните региони.

Франција, исто така, доживеа исклучително силен дожд во петокот поради големиот студен фронт што се формира над јужна Германија.

Дождот започна во четвртокот навечер и со несмалено темпо продолжи до петок навечер и траеше цели 24 часа со континуиран интензитет.

Поплави и одрони во Германија

Во западна Германија, обилните врнежи доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во регионот на Сар. Во главниот град на покраината Сарбрикен и во другите општини е извршена евакуација поради зголеменото ниво на водата.

Поплава во Сар

Државното Министерство за внатрешни работи ја опиша ситуацијата како „широко распространета поплава“, при што се особено погодени областа Нојнкирхен, областа Сарфалц и регионот околу Сарбрикен.

Засега нема извештаи за жртви, но поплавата бараше евакуација на домовите и пензионерските објекти. Локалните власти размислуваат да побараат помош од соседните држави.

Канцеларот Олаф Шолц го откажа планираниот настап во кампањата во Сар за да ги посети погодените области.

Поплави и топлотен бран во Италија

Северот на Италија денеска беше погоден од големи поплави по невреме и обилни врнежи, а особено беа погодени градовите Падова и Виченца, а едно лице се води како исчезнато во областа на езерото Комо по уривањето на мал мост.

Службите за итни случаи користат гумени чамци за да ги спасат луѓето од нивните домови, а на снимката од местото на настанот се гледаат автомобили како пливаат по улиците, објави Би-Би-Си.

Во италијанската провинција Ломбардија товарен воз се превртел поради налет на ветер кој дувал со брзина меѓу 150 и 200 километри на час, а нема повредени.

Во Милано за 24 часа наврнале и до 130 милиметри дожд на метар квадратен, што довело до поплави, а таков интензитет на врнежи во градот во текот на мај не е забележан повеќе од 170 години

Во провинцијата Венето, властите за цивилна заштита прогласија црвен метео аларм, особено меѓу Виченца и Верона.

Истовремено југот на Италија го зафати топлотен бран со температури до 35 Целзиусови степени на Сицилија.