ЕВРОПСКАТА УНИЈА ГО СКРШИ ВИКТОР ОРБАН – Во Брисел падна голем договор: Украина добива се што посакуваше, а Унгарија остана со празни раце

Лидерите на сите 27 земји-членки на Европската унија на вонредниот Самит во Брисел постигнаа договор за пакет помош за Украина во износ од 50 милијарди евра, објави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Имаме договор. Сите 27 лидери се согласија за дополнителен пакет за поддршка од 50 милијарди евра за Украина во рамките на Буџетот на ЕУ. Ова обезбедува стабилно, долгорочно и предвидливо финансирање за Украина“, соопшти Шарл Мишел во објава на социјалната мрежа Х (Твитер).

Вонредниот Самит на ЕУ беше свикан само за да се обидат земјите-членки да добијат согласност од Унгарија. На последниот Самит во средината на декември 26 земји-членки постигнаа договор за помош на Украина, а само Унгарија беше против.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека ова е „добар ден за Европа“. Таа вели дека Европскиот совет ги исполнува своите приоритети, кои вклучуваат поддршка на Украина против руската инвазија.

По постигнувањето на договорот се огласија и од Украина и од Русија. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ја поздрави едногласната одлука и порача дека таа ќе ја зајакне долгорочната економска и финансиска стабилност, што не е помалку важно од воената помош и притисокот од санкции врз Русија.

Премиерот на Украина, Денис Шмихал, им се заблагодари на лидерите на ЕУ за нивната непоколеблива поддршка по одобрениот финансиски пакет за Киев. Тој порача дека земјите-членки на ЕУ покажале солидарност и единство кон украинскиот народ.

Секој ваш глас е значаен придонес за нашата заедничка победа“, напиша Денис Шмихал во објава на социјалната мрежа Х (Твитер).

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, изјави дека денешниот договор е „чекор од историски размери“.

Ова покажува дека секој разговор за наводен замор или опаѓање на поддршката е едноставно лажен. Европа уште еднаш ја покажа својата сила и способност да донесува важни одлуки независно од другите. ЕУ го предводи патот и дава пример за остатокот од светот“, вели Дмитро Кулеба.

Кремљ, од друга страна, ги обвини САД дека се обидуваат да го префрлат товарот на поддршката за Украина на рамениците на европските даночни обврзници. Русија додаде дека Украина и Запад ќе продолжат да „имаат проблеми“, како и дека Запад се обидува да ја демонизира Русија за да изгледа како непријател.

The Guardian пишува дека Виктор Орбан не се согласил на компромис пред денешниот договор. Претставниците на некои од клучните земји-членки вклучени во преговорите утринава изјавија дека Виктор Орбан „не добил ништо“ и дека „едноставно немал друга опција“.

Самиот Виктор Орбан се уште јавно не реагираше на договорот за финансирање на Украина. Тој се уште не зборува за печатот, ниту има објавено нешто на социјалните мрежи.

Изворите велат дека добиле впечаток дека Виктор Орбан утрово знаел дека се е готово.

Не беше лут или нешто слично, но веќе знаеше“, изјавил внатрешен извор за The Guardian.

Политичкиот советник на Виктор Орбан претходно изјави за Bloomberg дека Унгарија е подготвена да го укине своето вето во замена за милијардите средства замрзнати од блокот од 2022 година. Сепак, дипломатот вели дека средствата ќе останат замрзнати без оглед на денешниот договор. Будимпешта сè уште треба да ги исполни своите обврски за да може да ги отклучи тие финансии.

Да потсетиме, Европската комисија задржа околу 30 милијарди евра средства од Будимпешта додека не ги реши проблемите со владеењето на правото, човековите права и поткупот.