Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека Европската унија ќе го одложи воведувањето на реципрочни мерки, донесени поради тарифите што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, за 90 дена.
Оваа одлука е донесена откако Трамп исто така одлучи да ги суспендира на 90 дена царините што ги воведе во речиси сите земји во светот.
„Ја прифаќаме најавата на претседателот Трамп. Сакаме да им дадеме шанса на преговорите. Иако е евидентирана поддршката на земјите-членки за реципрочни мерки, ќе ги паузираме 90 дена“, најави Фон дер Лајен.
Таа додаде дека доколку преговорите не одат во насока која и одговара на ЕУ, овие мерки ќе бидат спроведени.
„Работата на подготовка на овие мерки продолжува. Како што наведов претходно, сите опции се на маса“, рече претседателот на Европската комисија.
Да потсетиме, како одговор на тарифата од 20 отсто за стоки од ЕУ што ја воведе Трамп, земјите-членки подготвија сет мерки кои особено ќе ги погодат индустриите во сојузните држави на САД каде на власт е Републиканската партија, на која и припаѓа американскиот претседател.
Додека царините се укинати за речиси сите земји во светот, Трамп, поради одлуката на Кина да ги зголеми царините за САД, остави активна царина за оваа земја и ја зголеми од 104 на 125 проценти.