Европскиот совет ја поддржува идејата на Рама за одржување меѓународна конференција за Косово и Србија
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ја поддржа идејата за одржување меѓународна конференција за Косово и Србија, со цел да се намалат тензиите меѓу двете земји, кои предизвикаа загриженост на Западот, јави Топ чанел.
– Ја поддржуваме и идејата што поскоро да се организира конференција – заедно со некои земји-членки на ЕУ. Мислам дека е дојдено време да се има глобален пристап и да се преземат јасни чекори кон нормализација на односите Косово-Србија. Ова е многу важно, бидејќи рековме дека сакаме да се потрудиме да направиме нешто за Западен Балкан, заедно со Западен Балкан, изјавил Мишел.
Идејата за одржување меѓународна конференција за Косово и Србија беше изнесена на 27 јуни од премиерот Еди Рама, кој разговараше за ова прашање истиот ден во Брисел со неколку високи европски претставници, меѓу кои и самиот Мишел.
-Косово и Србија продолжуваат меѓусебно да се обвинуваат за тензичната ситуација на северот, додека меѓународната заедница главно ја посочи Приштина за одговорна за ситуацијата. ЕУ претходно излезе со план мерки за намалување на тензиите, кој меѓу другото вклучува и распишување нови избори на северот и повлекување на специјалната единица на косовската полиција од областа, наведува телевизијата.
Додава дека со планот се бара Србија да обезбеди учество на Србите на евентуалните нови локални избори. Српската заедница ги бојкотираше изборите во април.
Косовскиот премиер Албин Курти се изјасни за одржување нови избори под услов тие да бидат во правната рамка на државата.