Европскиот суд ги поништи санкциите на ЕУ против мајката на Пригожин

Општиот суд на Европската Унија ги поништи санкциите на ЕУ против мајката на командантот на руската платеничка група Вагнер, Евгениј Пригожин.

Вториот највисок суд во ЕУ денеска пресуди дека односот меѓу Пригожин и неговата мајка „не е доволен за да се оправда вклучувањето“ во санкции за казнување на актерите кои го нарушуваат „територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина“.

Виолета Пригожин беше казнета од ЕУ со забрана за патување и потенцијално замрзнување на имотот бидејќи нејзините активности наводно биле поврзани со активностите на нејзиниот син, се вели во соопштението за печатот на судот на ЕУ.

Судот сега го одобри барањето на Виолета Пригожин да ги укине санкциите бидејќи кога беа воведени санкциите таа повеќе не беше сопственик на компанијата поврзана со нејзиниот син, пренесува Хина.

Земјите на ЕУ усвоија рестриктивни мерки во 2022 година поради вмешаноста на Вагнер во руската анексија на Крим и окупацијата на делови од источна Украина.