Процесот на пристапување на Турција во ЕУ, кој е во застој од 2018 година, не може да се продолжи под сегашните околности, и покрај геополитичката и стратешка важност на Анкара, се вели во извештај на Европскиот парламент.
Европратениците во Стразбур го одобрија извештајот во среда, со 367 гласови „за“, 74 „против“ и 188 „воздржани“, пишуваат странските медиуми , според „Телеграф“.
„Процесот на пристапување е замрзнат. Нема напредок“, изјави за „Еуроњуз“ Начо Санчез Амор, шпански европратеник (Си-Д/Шпанија) и известувач за извештајот за Турција.
Апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, „супресијата“ на антивладините демонстрации и кршењето на човековите права беа истакнати како знаци на назадување на демократијата.
Сепак, во извештајот се истакнува дека Анкара останува стратешки партнер на блокот и клучен сојузник на НАТО, особено поради нејзиното растечко влијание во Украина, Црното Море и Блискиот Исток.
За време на дебатата во Европскиот парламент, европската комесарка за проширување, Марта Кос, ја нагласи потребата од продлабочување на соработката со Турција во области од заеднички стратешки интерес, како што се климата, енергетската безбедност и трговијата.
„Изјавата за миграција меѓу ЕУ и Турција од 2016 година продолжува да дава резултати. Нерегуларните пристигнувања од Турција во ЕУ се намалија за 33% оваа година во споредба со истиот период минатата година“, рече Кос.