Европски сојуз за промени формираше пратеничка група, координатор Сафије Садики Шаини

Пратеници од партиите Демократско движење, БЕСА и Алтернатива кои се дел од коалицијата „Европски сојуз за промени“ од денеска ќе делуваат во една пратеничка група, чиј координатор ќе биде пратеничката Сафије Садики Шаини.

Во групата има шест пратеници и како што кажа лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, отворени се за сите кои сакаат да им се приклучат. Заменик координатор на пратеничката група ќе биде пратеничката Мерита Коџаџику.

По формализирањето на коалицијата нашиот сојуз денеска одлучи да ги сплоти пратениците во една пратеничка група. Во духот на одлуката на нашите партиски органи денеска поднесовме до претседателот на Собранието известување дека отсега ќе имаме заедничка пратеничка група“, истакна на прес-конференција во Собранието лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

На овој начин, истакна Африм Гаши, „Европскиот сојуз за промена“ цели да ги искористи сите можности што ги дава Собранието за делување на пратеничките групи. 

Иако пратеничкиот мандат е при крај сметаме дека има многу отворени прашања и процеси повзрани со европската иднина на земјата за што Сојузот е сериозно заинтерсиран да помогне“, наведе Африм Гаши

Тој апелираше претседателот на Собранието, Талат Џафери, како што кажа, да не го пролонгира изборот на член на Државната изборна комисија кој и следува на опозицијата бидејќи тоа го прави соучесник  во непочитувањето на законот.

Изет Меџити додаде дека доколку албанската опозиција нема претставник во ДИК, во тој случај следните избори би биле нефер и недемократски.

Во однос на член на ДИК огласот веќе треба да е затворен, ние имаме предложено наш кандидат, и нема да остапиме од ова. Постојано сме во комуникација со амбасадите, со ОБСЕ со сите што се компетентни по ова прашање и ќе преземеме се што е потребно да го издејствуваме ова, бидејќи тоа ќе значи барем фер и демократски избори. Една држава која се стреми кон преговори со ЕУ да елиминира опозиција на ваков начин преку дискриминација, јасно покажува со какви размислувања водат политики“, појасни Изет Меџити.

Тој оцени дека власта повеќе не се фокусира на уставни измени и европски интеграции, туку како да опстанат повеќе на политичката сцена.

Оваа Влада постојано зборува за уставни промени, европски интеграции, европски вредности како параван, а ништо не работи во таа насока и цело време се соочуваме со коруптивни зделки на различни нивоа, и во последно време веќе не ни зборуваат за уставни промени, во последно време се заинтересирани на кој начин да го изведат тоа албанската опозиција да нема свој член во ДИК и тоа е индикација дека подготвуваат нефер и недемократски избори, сакаат нефер услови за двете страни, иако македонската опозиција има три члена, за албанската опозиција се прави проблем за еден член“, истакна Изет Меџити.