Едвин ван дер Сар, поранешниот голман на Холандија и Манчестер Јунајтед, излезе од одделот за интензивна нега

– Поранешниот холандски голман Едвин ван дер Сар вчера беше преместен од одделот за интензивна нега откако доживеа церебрална хеморагија во јули.

„Среќен сум што можам да споделам дека повеќе не сум на одделот за интензивна нега. Сепак, сè уште сум во болница. Се надевам дека ќе си одам дома следната недела и ќе го направам следниот чекор во моето закрепнување!”, изјави Ван дер Сар на Твитер.

Поранешниот голман на Ајакс Амстердам и Манчестер Јунајтед им се заблагодари на оние што му пратија „пораки за поддршка“ додека беше во болница.

Поранешниот извршен директор на Ајакс се фотографираше во болничката соба со својата сопруга Анемари и двајцата беа насмеани.

Ван дер Сар (52) доживеа церебрална хеморагија на 7 јули додека беше на одмор во Хрватска и итно беше пренесен во болница. Подоцна бил пренесен во холандска болница.

По повлекувањето од фудбалот во 2011 година, Ван дер Сар, кој имаше 130 натпревари за Холандија, се вклучи во одборот на Ајакс пред да стане извршен директор во 2016 година. Тој поднесе оставка од функцијата во мај.

Ван дер Сар, кој важеше за еден од најдобрите светски голмани во поголем дел од кариерата, освои две титули во Лигата на шампионите на УЕФА: првата со Ајакс во 1995 година, а другата со Манчестер Јунајтед во 2008 година.

Тој, исто така, освои домашни титули со Ајакс и Манчестер Јунајтед.

Покрај тоа, Ван дер Сар играше за италијанскиот Јувентус и англискиот Фулам.