Доброто здравје се заснова на здрава исхрана и баланс на хранливи материи. Храната богата со витамини, минерали и здрави масти го поддржува оптималното функционирање на телото, додека правилната хидратација и разновидните намирници помагаат во спречување на болести и одржување на енергијата.
Покрај макронутриентите, важна улога за здравјето имаат и пробиотиците или „добрите бактерии“ кои благотворно делуваат на здравјето на дигестивниот систем.
Пробиотиците се наоѓаат во ферментирани производи како јогурт, кефир и кисела зелка. Тие придонесуваат за рамнотежа на цревната микрофлора, која игра клучна улога во варењето, имунитетот и општото здравје. Меѓу овие намирници се издвојува кефирот како ферментиран млечен напиток богат со пробиотици, кој е еден од најздравите ферментирани производи.
Се произведува со ферментација на млеко користејќи зрна кефир кои содржат комбинација на млечна киселина бактерии и квасец. Овој процес му дава на кефирот специфичен кисело-млечен вкус и малку газирана текстура.
Кефирот е богат со пробиотици кои помагаат во одржувањето на цревната микрофлора, која може да ги намали дигестивните нарушувања како надуеност, запек и синдром на нервозно дебело црево. Пробиотиците од кефирот придонесуваат за зајакнување на одбрамбените механизми на организмот, а кефирот содржи и соединенија со антимикробни својства.
Како добар извор на калциум, магнезиум и витамин К2, кефирот е корисен за здравјето на коските и го намалува ризикот од остеопороза. Покрај тоа, содржи соединенија кои можат да помогнат во намалувањето на воспалителните процеси во телото, што е корисно за луѓето со хронични воспалителни состојби.
Кефирот може да се пие сам или да се користи како основа за смути, преливи за салати и како замена за млеко во многу рецепти. Може да се најде во млечна, растителна или водено ферментирана форма.