Еди Рама по посета на БиХ: Сакаме да ги зацврстиме односите, работиме на отворање амбасада на Албанија

 – Сакаме да ги зајакнеме односите меѓу двете држави и работиме на отворање Амбасада на Република Албанија во Босна и Херцеговина, изјави во Сараево премиерот на Албанија, Еди Рама.

Тој вчера пристигна во работна посета на Босна и Херцеговина, а во Сараево се сретна со претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, а одржан е и состанок на делегациите на Советот на министри на БиХ и на Владата на Албанија.

Кришто во обраќањето пред новинарите истакна дека разговарале за добрите и пријателски односи кои се без отворени прашања, со нагласување дека треба да се зајакнат.

Таа додаде дека соработката треба да биде преку интензивирање на разговорите и на ова институционално ниво и преку политички дијалог.

Кришто истакна дека го информирала Рама за актуелната политичка ситуација во БиХ и за работата на Советот на министри на БиХ.

„Едноставно кажавме дека со сета сложеност што постои, кога станува збор за општествените и политичките, како и за институционалните односи во БиХ, Советот на министри активно работи и напредува на сѐ што е во фокусот и од интерес на БиХ, и пред сѐ, меѓусебното почитување, дијалогот и консензусот околу сите прашања што ќе ја гарантираат стабилноста и европската иднина на БиХ, што е една од нашите заеднички надворешнополитички цели во БиХ“, рече Кришто.

Таа нагласи дека истакнале дека се фокусирани на 14 приоритети од Мислењето на Европската комисија и дека на тој пат направиле значаен исчекор и по други прашања кои се во надлежност на Советот на министри на БиХ.

„Во контекст на тоа го информиравме претседателот на Владата за подготовките за петтиот Стабилизациски одбор на Советот за имплементација на договорот за стабилизација и придружување во Европската Унија“, додаде Кришто.

Како што рече Кришто, ги поддржуваат сите иницијативи за регионална соработка и остануваат посветени на Берлинскиот процес.

Во овој контекст, таа додаде дека два договори во рамките на Берлинскиот процес биле упатени до институцијата Претседателство на БиХ, но околу еден договор нема политички или институционален консензус.

Кришто истакна дека во рамките на другите иницијативи потребно е да се остави простор и време бидејќи во Босна и Херцеговина не се подготвени за други иницијативи.

Како што рече, иако БиХ е потписник на Декларацијата за заеднички регионален пазар, која се заснова на принципите на слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал, Босна и Херцеговина е на првиот чекор – усвојувањето на акциониот план на заедничкиот регионален пазар.

Таа нагласи дека се надева дека Босна и Херцеговина по примерот на Република Србија ќе потпише таков договор.

Премиерот на Албанија, Рама, рече дека дошол да ја информира претседавачката со Советот на министри на Босна и Херцеговина за самитот на Берлинскиот процес што ќе се одржи во октомври во Тирана.

Рама истакна дека шест земји од Балканскиот Регион ќе заземат заеднички став за сите прашања што ги засегаат, со цел да ги подигнат овие прашања и да ја постигнат целта.

„Драго ни е што тоа го препознаа и претставниците на европската заедница и што ќе нѐ поддржуваат во тоа сите заедно да ги постигнеме нашите цели“, рече Рама.

Според него, свесни се дека Европа како приоритетна ја гледа ситуацијата во Украина, но Западен Балкан сака поддршка.

„Европската заедница треба да нѐ поддржи, бидејќи нашето добро однесување и нашите напори треба да бидат наградени. Затоа што тежнеењето за градење мир треба да се награди. Нашата желба да се остави минатото зад нас исто така треба да се награди“, додаде тој Рама.

Рама на аеродромот по пристигнувањето во Сараево го пречека министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ.

Албанскиот премиер вчера беше примен од членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ.

Посетата на Еди Рама на Босна и Херцеговина е дел од неговата балканска турнеја, за подготовките за следниот Самит во рамките на Берлинскиот процес, што ќе се одржи во средината на октомври во Тирана.

Тој пред два дена ги посети Скопје и Приштина, а денеска по Сараево ќе отпатува и за Подгорица, додека синојка во Белград се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ.