Еди Рама се пофали со моќните турски авиони: „Ќе ја заштитиме безбедноста на НАТО“ (ВИДЕО)

Албанскиот премиер Еди Рама најави дека вооружените сили на таа земја наскоро ќе добијат нова флота беспилотни летала „Бајрактар“, кои, како што вели, се резултат на најсовремена технологија и се користат за воени, полициски и цивилни мисии.

Еди Рама на Фејсбук, заедно со видео, посочи дека новите дронови ќе придонесат за зачувување на националната безбедност, како и безбедноста на НАТО Алијансата.

– Комплетирањето на Албанија со флота од овие беспилотни летала е од особено значење за нашата национална безбедност и безбедноста на Алијансата, како усогласеност со обврските што произлегуваат од Стратегијата за национална безбедност, воената стратегија и целите на капацитетите на НАТО. Посветени сме на користење на најнапредната технологија во одбраната на нашата територија – рече Рама.