– Најмалку едно лице е повредено ова наутро во два одделни напада со беспилотни летала за кои Русија вели дека ги извршила Украина врз главниот град Москва и врз полуостровот Крим, анектиран во 2014 година.
„Едно украинско беспилотно летало е уништено во воздух од системите за противвоздушна одбрана над територијата на Одинцовскиот Округ во Московската Област“, соопшти Министерството за одбрана на Русија на социјалната мрежа Твитер.
Во соопштението се наведува дека системите за електронско војување пресретнале уште два дрона што подоцна паднале во област со комплекс станбени згради.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, на Твитер објави дека немало жртви од паднатите дронови, додека помалку се оштетени две деловни згради.
„Повреден е чуварот во една од двете згради“, соопшти официјален претставник на руското Министерство за вонредна состојба, пренесе руската новинска агенција ТАСС.
Министерството за одбрана на Русија претходно соопшти дека е спречен обид за украински напад со 25 беспилотни летала врз цели на полуостровот Крим.
Рускиот систем за противвоздушна одбрана уништи 16 украински беспилотни летала, а девет се пресретнати со системот за електронско војување, по што паднале во Црно Море.
Во соопштението се наведува дека во спречениот „терористички напад“ нема загуби на човечки животи ниту е предизвикана материјална штета.