Едно нешто што никогаш не треба да се случи во добар брак

Љубовта е важна, но не е доволна за да трае бракот. Иако многумина влегуваат во брак полни со чувства, повеќето не се подготвени за она што е подеднакво важно – секојдневна, искрена и емоционално зрела комуникација. Со текот на времето, проблемите почнуваат да се појавуваат и остануваат нерешени, сè додека не се развие чувство на отуѓеност и тишина меѓу партнерите. Многумина потоа чувствуваат дека нешто не е во ред, но не знаат точно што тргнало наопаку.

„Она што никогаш не треба да се случи во добар брак – без разлика колку често може да изгледа – е прекин на вистинската комуникација. Кога разговорот се сведува само на домаќински работи и секојдневни задачи, бракот почнува да ја губи својата интимност. Престануваме да поставуваме прашања, престануваме да слушаме и почнуваме да претпоставуваме што мисли или чувствува другата личност. Оваа тишина не изгледа драматично, но полека ја нагризува врската одвнатре“, објаснуваат брачните советници и терапевти Мери Елен Гогин и Џери Дуберштајн за YourTango.

Без разговор, нема решавање на проблеми, нема нежност, нема вистинска поврзаност.

Интимноста не може да постои без ранливост

„Паровите честопати не препознаваат кога комуникацијата почнала да бледнее – понекогаш станува збор за доаѓањето на децата, стресот на работа или едноставно чувството дека веќе знаеме сè еден за друг. Но, вистината е дека луѓето постојано се менуваат и дека бракот се базира на секојдневно откривање, слушање и разбирање. Секој партнер има свој начин на изразување – на некои им е потребен разговор за да се чувствуваат блиско, додека на други им е потребно чувство на почит и благодарност“, истакнуваат Гогин и Дуберштајн.

Кога комуникацијата се прекинува, секој обид за поврзување станува сè потежок бидејќи повеќе не знаеме како да се слушаме едни со други без да станеме дефанзивни, лути или повлечени.

Интимноста не може да постои без ранливост – а ранливоста бара храброст да се биде отворен, искрен и да се верува дека другата личност нема да нè искористи. Кога ќе престанеме да го споделуваме она што навистина го чувствуваме, бракот ја губи својата длабочина.

„Сепак, добрата вест е дека оваа блискост може да се обнови. Паровите кои се подготвени повторно да учат еден за друг, да слушаат без осудување и да ја поттикнуваат отвореноста, честопати го наоѓаат патот назад. Љубовта не е натпревар, но кога се третира како подарок, каков што е, и двајцата партнери и нивната врска победуваат“, заклучија терапевтите.