Економските односи главна тема на разговорите меѓу Путин и Си, се очекува потпишување два големи договора
Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг се пред вториот ден од разговорите за економските односи и се очекува двете страни денеска да потпишат два големи договора за проширување на „сеопфатното партнерство“ и за „стратешката соработка“.
Како што пренесуваат странските агенции, Си и Путин вчера разговараа четири и пол часа, нарекувајќи се еден со друг „драг пријател“, а меѓународно изолираниот руски лидер рече дека е отворен да разговара за предлозите на Кина за решение на војната во Украина.
Рускиот лидер за време на средбата рече дека е отворен за разговори за Украина и го пофали предлогот на Пекинг за конфликтот од 12 точки, што вклучува повик за дијалог и почитување на територијалниот суверенитет на сите земји.
Економската соработка ќе заземе централно место денеска во разговорите меѓу кинескиот и рускиот лидер.
Двете страни треба да потпишат два големи договора за проширување на „сеопфатното партнерство“ и „стратешката соработка“, соопшти Кремљ. На состанокот ќе присуствува и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. Според Москва, на дневен ред се и прашања за воено-техничката соработка.
Според Кремљ, по разговорите се планирани изјави на Путин и Си.