Ексклузивни детали што се договорија Вучиќ и Курти: Странците на маса им ја ставија Времената спогодба меѓу Скопје и Атина, затоа преговорите беа во Охрид
Времената спогодба која Македонија и Грција ја потпишаа 1995 година, со што се влезе во процес на нормализација на односите меѓу Скопје и Атина, а тоа водеше кон отварање на т.н. канцеларии за врски меѓу Грција и Македонија, беше искористена за вчерашниот договор меѓу Приштина и Белград за нормализација на односите.
Сега веќе станува јасно зошто беше одбран Охрид да биде местото на таа историска средба на еден косовски премиер и еден српски претседател, бидејќи после години и години на јалови средби, токму македонскиот модел беше одбран како основа за решавање на косовското прашање. Македонскиот модел или т.н. Времена Спогодба ќе и овозможеше на Македонија со привремената референца да стане членка на НАТО уште 2008 година, со реални шанси веќе да бевме и членка на ЕУ, да не беше одлуката на Никола Груевски место во Европа да влегува како Александар Македонски на Исток!?
Еве што всушност е договорено во Охрид? Нашите извори велат дека многу потврди ставови во преговорите имал косовскиот премиер, Албин Курти, додека Вучиќ бил видно омекнат во ставовите, а во Охрид допатувал со бурната изјава на неговиот министер за трговија кој јавно инсистираше дека Србија треба да и воведе санкции на Русија.
Косово и Србија се договорија за спроведување на договорот со ЕУ за нормализација на односите по 12 часа разговори во саботата, објави доцна во ноќта шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, опишувајќи ги разговорите како тешки.
“Косово и Србија се договорија за спроведување на анексот на договорот за нормализација на меѓусебните односи”, изјави Борел за новинарите по разговорите во Охрид што ги одржаа српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти со претставници на Европската унија.
Постигнат е договор за формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО), која на општините со српско мнозинство ќе им даде поголема автономија, рече Борел.
“Косово се согласи да започне веднаш – и кога велам веднаш, мислам веднаш – преговори со Европската унија кои би го олесниле дијалогот за воспоставување специфичен аранжман и гаранции за обезбедување на соодветно ниво на самоуправа за српските заедници. во Косово”, рече Борел.
“Косово и Србија се договорија за имплементациски анекс на договорот за патот кон нормализирање на меѓусебните односи”, рече тој.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е постигнат некаков договор, но дека тој ништо не потпишал.
Денеска требаше да договориме план за имплементација, постигнавме некаков договор, задоволен сум од тоа“, изјави Вучиќ.
Албин Курти, пак, рече дека Србија “бега од потпишување на договорот”, пренесува албанскиот весник Коха.
“Постигнавме јавна согласност за анексот кој ќе го води спроведувањето на основниот договор“, рече Курти, тврдејќи дека другата страна, „исто како и на последниот состанок во Брисел, на 27 февруари, бега од потпишување, сега (тоа го прави) со анексот”.
ЕУ бара механизам со кој статусот на овој договор би бил правно обврзувачки, рече Курти.
Вучиќ рече дека тоа е процес кој е длабок, сериозен и ќе трае. Вечерва ништо не е готово, туку само почеток, изјави Вучиќ.
“За нас е од големо значење формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО) да биде поставено како приоритетна обврска во согласност со претходно потпишаните договори во рамките на дијалогот”, рече тој.
“Ако Приштина не го исполни ЗСО, нема напредок за Приштина, ако Србија не е подготвена да го направи тоа и тоа, нема напредок за Србија. Ова е ново и деновиве ќе биде вклучено во преговарачката рамка”, рече Вучиќ.
“ЕУ ќе процени колку некој направил од планот за имплементација, кој секако ќе треба да се прошири, иако не би имал ништо против ако остане вака”, рече Вучиќ.
“Од понеделник примам членови на претставнички групи во Собранието, ни претстои сериозна работа. Верувам дека приштинската страна ќе почне да го исполнува ЗСО”, рече тој.
Вучиќ заклучи дека доколку Србија сака да опстои на европскиот пат, нејзиниот напредок ќе се оценува и во однос на имплементацијата.
На средбата, покрај Вучиќ и Курти и Борел, учествуваше и специјалниот претставник за дијалог Мирослав Лајчак .
Разговорите се одржаа под покровителство на Европската унија во обид да се договори за спроведување на договорот за односите меѓу Србија и Косово предложен од ЕУ, а тој е силно поддржан од Соединетите Американски Држави, чиј специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во интервју за РСЕ рече дека “тој смета дека нема пат до Европа без сите земји да се признаат меѓусебно”.
Последниот став на Ескобар е всушност одговор што е договорено и што ќе следи во иднина.
Србија ќе ја добие таа т.н. СЗО или Заедница на српски општини во Косово, а тоа медиумите под контрола на Вучиќ ќе го кажуваат дека Србите добиле нова Република Српска, но сега во Косово. А Косово ќе добие признавање на сите косовски документи во Србија и непротивење од страна на Белград на членството на Косово во сите меѓународни организации. Да, можеби де јуре не ( ништо не потпишав што вели Вучиќ ) но де факто тоа ќе значи признавање на Косово. И тука е крај на приказната, каква што ќе беше и за Македонија ако ние не решевме дека по 23 века треба да станеме нова фаланга на Александар Македонски.