Експертот за одбранбени технологии, Орун: Во нападот врз болницата во Газа користена е бомбата МК-84

Голема е веројатноста дека нападот што го изврши Израел врз баптистичката болница Ал-Ахли во Газа е извршен со наведувана бомба МК-84.

Експертот за одбранбени технологии Ариф Емре Орун за Анадолу даде проценка за бомбата врз основа на техничките податоци и снимките.

Орун, кој инаку се занимава со инженеринг на системи за противвоздушна одбрана, рече дека израелските напади врз Газа имале за цел целосно уништување, а не директна операција, и дека поради таа причина биле избрани бомби од серијата МК-84.

„Постојат многу индиции дека се користени фосфорни бомби. Освен тоа, се проценува дека се користени и бомби од старата генерација“, рече тој.

Истакна дека во Газа не постојат системи за противвоздушна одбрана кои им припаѓаат на Хамас.

– Обид за дезинформирање

Орун додаде дека Израел главно се фокусира на муницијата од серијата МК поради неговата деструктивна воена тактика.

„Од израелска страна има обид за дезинформации дека Хамас го извршил нападот, но кога ќе се направи техничка анализа на јачината на експлозијата, јасно е дека ова не може да се изеде со технологијата што ја поседува Хамас. Бидејќи ракетите развиени од Хамас се истрелуваат од земја, повеќето од нив се состојат од ракетни мотори на цврсто гориво“, истакна експертот.

Нагласи дека фактот што масакрот е извршен во мрак и дека снимката од експлозијата е забележана дури по падот на бомбата не овозможува прецизни информации за видот на муницијата.

„Со оглед на општата воена тактика и техничките податоци можеме да кажеме дека во нападот е користена бомбата МК-84“, рече тој.

– Технички карактеристики на бомбата

Орун потоа ги објасни техничките карактеристики на бомбата.

„ PBXN-109 или тритонал се користи како експлозив во муницијата од типот МК-84. Специфичната маса на тритоналот содржи околу 15-20 отсто повеќе енергија од ТНТ. Кога ќе ги земеме предвид и опремата за наведување, вкупната тежина на муницијата се приближува до тони. Со оглед на видот на експлозивот што го содржи и неговиот енергетски капацитет, може да има смртоносно дејство на подрачје со пречник од 200 до 250 метри. Дури и ако експлозијата се случи во зграда, штетата е многу сериозна поради на ефектот на притисок. Поради ефектот на честички, освен што има смртоносен ефект на отворени површини со пречник од околу 350 метри, ефектите од ударот и фрагментите кои можат да предизвикаат сериозни повреди може да се видат и до околу 750 метри од местото на експлозијата“, изјави експертот.

Над 500 лица загинаа синоќа во израелски воздушен напад врз баптистичката болница Ал-Ахли, соопшти палестинското Министерство за здравство. Меѓутоа, Израел ја негираше одговорноста за воздушниот напад.