– Најмалку 20 лица загинаа, а речиси 300 се повредени во експлозија во складиште за бензин и пожарот што потоа следуваше во регионот Карабах во Азербејџан.
Според информациите на ерменската официјална новинска агенција „Арменпрес“, која се повикува на ерменските претставници во Карабах, седум повредени лица се донесени во болница кои починале како последица на повредите, 13 неидентификувани тела се пренесени во мртовечница, а хоспитализирани се околу 300 повредени лица со изгореници од различен степен.
Азербејџан ги мобилизираше сите свои ресурси за да им помогне на луѓето во регионот по експлозијата и последователниот пожар во складиште за бензин.
Експлозијата се случи во близина на патот Ханкенди – Аскеран.
Советникот на претседателот на Азербејџан Хикмет Хаџиев изјави дека Азербејџан ги мобилизирал сите свои ресурси за да му помогне на ерменското население во областа.
Хаџиев наведе дека покрај лековите и медицинските материјали потребни за лекување на изгорениците, обезбедена е и помош во храна и нагласи дека помошта ќе продолжи и денеска и во наредните денови.