Групата „Вагнер“ објави дека ги продолжува своите активности во Африка и Белорусија

– Групацијата „Вагнер“, чиј основач е Евгениј Пригожин, кој загина во Русија каде што се урна неговиот приватен авион, објави дека продолжува со своите активности во Африка и Белорусија.

Во соопштението на социјалните мрежи на компанијата Конкорд, за која се знае дека му припаѓа на Пригожин, се наведува дека платеничката група продолжува да работи во Африка и Белорусија.

„Затворање на компанијата не доаѓа предвид. Командата на приватната воена компанија и понатаму ги извршува сите зададени должности и управува со компанијата“, се наведува во соопштението.

Пригожин, познат како „готвачот“ на рускиот претседател Владимир Путин, човекот кој започна бунт против руската администрација, дојде во прв план кога неговата паравоена група „Вагнер“, која дејствува во многу земји, доби улога во војната во Украина.

Групата „Вагнер“, меѓу чии припадници има и осуденици, праќаше војници во подрачја на различни судири надвор од Украина, на Блискиот Исток и во Африка, како и во граѓанската војна во Сирија.

Пригожин повеќепати ги обвини рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов, за неспособност и намерно недоволно снабдување на единиците на „Вагнер“ што се бореа во Украина.

Основачот на „Вагнер“, Пригожин, започна вооружена побуна против руските власти на 24 јуни. Бунтот беше прекинат со интервенција на белорускиот претседател Александар Лукашенко. По бунтот, платениците на „Вагнер“ заминаа во Белорусија, каде што почнаа да ги обучуваат белоруските војници.

Руската Федерална агенција за воздушен транспорт (Росавијација) на 23 август објави дека сите десет патници, вклучително и Пригожин, загинале во пад на приватен авион во Твер.