Чеферин: Југославија најмногу беше дел од Европа кога Звезда победи во Бари

Претседателот на Европската фудбалска унија, Александар Чеферин, денеска на конгресот на УЕФА во Париз изјави дека поранешна Југославија никогаш не се чувствувала повеќе како дел од Европа отколку тогаш кога Црвена звезда го освои Купот на шампионите во 1991 година.

„УЕФА годинава го слави 70. роденден – 70 години историја, традиција, страст, единство, храброст и креативност кои не можат да се избришат. Особено затоа што допрва треба да се напишат највозбудливите поглавја“, изјави Чеферин, кој најави дека нема да се кандидира за четврти мандат за прв човек на УЕФА.

Во централниот дел од говорот Чеферин пак ја нападна идејата за формирање на Суперлигата.

„Силата на европскиот фудбал лежи во тоа чувство на припадност. Можности да направите нешто и да успеете во нешто преку градење на заеднички вредности. Од Португалија до Казахстан, од Кипар до Фарските Острови, од Финска до Италија, нема големи и мали. Поради нашиот систем, важни се победите на теренот, а не надвор од него. На прсти може да се избројат терените на кои Европа е лидер, а една од тие работи е фудбалот. И ние треба да бидеме горди на тоа“, рече Чеферин.

Тој праша дали во Европа се брои само еден закон, односно Закон на пазарот.

„Некои луѓе мислат дека сѐ може да се купи. Тоа не е вид на општество што сакаме да им го оставиме на нашите деца. Ова не е Европа што ја создадоа и замислуваа нашите основачи. Денес, неколку поединци сакаат да не поделат со приказната за слободниот пазар, водени од желбата целиот профит да биде за неколкуте привилегирани“, рече Чеферин.

Тој нагласи дека во овој момент тие луѓе се обидуваат да уништат 70 години историја.

„Тие се обидуваат да го променат европскиот фудбалски модел и покрај неговиот успех. Тие тврдат дека се спасители на фудбалот, иако во реалноста се обидуваат да му го ископаат гробот. Го мешаат монополот со единството. Историјата на европската соработка е изразена во некои симболи кои се едноставно недопирливи. А европскиот фудбал е еден од нив. Никогаш порано во модерните времиња нашиот континент не бил толку ранлив, толку поделен, толку расцепен“, рече Чеферин.

Тој посочи дека Европа не е обединета како што треба.

Тој посочи дека Европа не е обединета како што треба.

„Во текот на изминатите 70 години, УЕФА помогна во градењето на европскиот спортски модел. Мислам дека тоа е одличен пример за европско единство, а тоа ни треба бидејќи Европа не е обединета како што треба“ , додаде првиот човек на УЕФА.

Чеферин тогаш ја спомна Црвена звезда, која беше европски првак во 1991 година.

„За да го илустрирам ова, ќе дадам пример од мојот регион, иако Словенија веќе не е таму, можам да ве уверам дека Југославија никогаш не се чувствувала повеќе како дел од Европа отколку кога Црвена звезда го освои Купот на шампионите во 1991 година. Но, тоа беше победа која генерира уникатно чувство на гордост и припадност“, рече Чеферин.

Црвена Звезда го освои Купот на европските шампиони во 1991 година, откако во финалето во Бари го совлада Олимпик од Марсеј со 5:3 по подоброто изведување пенали.

„Југославија никогаш не се чувствувала поизолирана како кога беше исфрлена од Европското првенство во 1992 година. Од причини што сите ги знаеме“, истакна Чеферин.