Косовскиот министер Свечла сподели снимки од вооружената група во Бањска

Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла на социјалните мрежи сподели снимка од беспилотно летало на која се гледа вооружена српска група од триесетина луѓе кои се судрија со полицијата во Бањска, на северот на земјата, на 24 септември.

„На снимките е Милан Радојчиќ, потпретседател на Српска листа, како и дел од црната листа на САД и Велика Британија. Главниот криминалец Радојчиќ беше водач на оваа терористичка група и нападот во кој е убиен полицискиот службеник Африм Буњаку. Потпретседателот на Српска листа е водач на терористичкиот напад и терористичката група“, рече Свечла на официјалниот Фејсбук профил. Понтаму наведе и дека мапата на териростичкиот напад секој ден е сѐ појасна.

„Александар Вучиќ преку Српската листа, а тие преку нивниот потпретседател Радојчиќ, преземаа терористички акции против правниот и уставниот поредок на Република Косово, обидувајќи се да ја дестабилизираат нашата Република. Затоа, Српска листа своето учество на Косово го гледа само во терористичка Не успеаја“, рече Свечла, пренесе ТРТ Балкан.

Во Бањска, на северот на Косово, каде што живеат мнозинство Срби, утрото на 24 септември, еден полицаец беше убиен, а друг беше повреден во престрелката на вооружени Срби кои го блокираа патот.

Косовскиот премиер Албин Курти објави дека вооружена група од околу 30 луѓе, кои ги опиша како „професионална терористичка/криминална структура“, ја нападна косовската полиција и ја смета Србија одговорна за инцидентот.

Вооружената група, која се засолни во манастирот Бањска и неговата околина, ја опколи косовската полиција, а судирите продолжија на тоа подрачје во текот на денот.

Министерот Свечла рече дека во акцијата во Бањска убиени се најмалку тројца напаѓачи, а повредени се шест лица, меѓу кои се двајца напаѓачи и четири лица кои со радио-врска го поддржувале нападот.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ потврди дека инцидентот во кој загина еден косовски полицаец го извршиле косовски Срби.