Екстремно десничарска група упадна на конференција за Палестина, повредени 3 лица

 – Екстремно десничарска група упадна на конференција на тема Палестина во францускиот град Лион при што полесно се повредени три лица.

Дневниот весник „Ле Прогрес“ објави дека Заедницата Палестина 69 одржала конференција за Палестина во Лион. На Конференцијата, на која присуствувале приближно 100 луѓе, упаднала група од 40 до 60 лица со маски, носејќи стапови и пиротехнички материјали.

Учесниците на конференцијата се обидоа да ја спречат групата да влезе во салата и се забарикадираа со столчиња и маси на вратата.

Екстремно десничарската група фрлила пиротехнички средства на влезот од конференцискиот простор и избегала пред да пристигнат полициските екипи.

Три лица се полесно повредени, а еден екстремен десничар е приведен.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа, вклучително и врз болници, домови и места за богослужба, по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот, Хамас, на 7 октомври.

Досега во израелските напади загинаа најмалку 11.078 Палестинци, од кои 4.506 деца и 3.027 жени. Според официјалните податоци, бројот на загинати во Израел е околу 1.200.