ЕК препорачува: Во Шенген наместо проверки на внатрешните граници – мобилни проверки на територијата на членките
Земјите членки на Шенген зоната наместо да воведат проверки на внатрешните граници, треба да им дадат приоритет на мобилните проверки на нивна територија, наведува во препорака Европската комисија.
ЕК денеска испрати препораки до земјите-членки за засилена соработка меѓу земјите-членки во Шенген зоната, откако беше спроведена официјална консултативна процедура од мај до ноември 2023 година со земјите-членки кои повторно ги воведоа граничните контроли и земјите-членки погодени од таквите контроли.
Една од препораките е дека „земјите-членки треба да применуваат систематски проверки на внатрешните граници само во исклучителни ситуации и да им дадат приоритет на мобилните проверки на државната територија и подобро користење на современите технологии. Тие треба да го ограничат влијанието врз протокот на сообраќај и да обезбедат достапност на прекугранични сообраќајни врски“.
Препораките на Комисијата во осум области промовираат примена на алтернативни мерки наместо контрола на внатрешната граница, како и зголемена соработка и размена на информации доколку таа повторно се воведе.
Комисијата наведува дека Шенген, како област без внатрешни гранични контроли, е основата на слободата на движење за повеќе од 425 милиони граѓани на ЕУ и државјани на трети земји кои живеат во ЕУ или дошле да ја посетат. „Повторното воведување на надзорот на државната граница секогаш мора да биде исклучително, строго временски ограничено и како последна мерка во случај да се утврди сериозна закана за јавниот ред или внатрешната безбедност. Во Шенген зоната мора да се гарантира слободно движење на луѓе, стоки и услуги“, наведува Комисијата.