Ердоган: Гласањето се одвиваше како што ѝ доликува на нашата демократија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган објави порака на социјалните мрежи по завршување на гласањето на претседателските и парламентарните избори во Турција.

„Драги пријатели и колеги. Процесот на гласањето е завршен на начин кој ѝ доликува нашата демократија. Сега, како и секогаш, време е да се погрижиме за гласачките кутии. Потребно е да се заштити волјата на народот додека резултатите не бидат финализирани“, истакна Ердоган, пренесе ТРТ БАЛКАН.

Избирачките места низ Турција се затворија денеска во 17:00 часот по локално време (16:00 часот по средноевропско време), со што заврши гласањето за претседателските и парламентарните избори.

Гласачите кои ќе се најдат на избирачкото место во моментот на затворање ќе можат да ги остварат своите граѓански права и по 17:00 часот, како што претходно најави Врховна изборна комисија на Турција.

Граѓаните на Турција денеска гласаа на претседателските и парламентарните избори и бираа меѓу тројца претседателски кандидати, 24 политички партии и 151 независен кандидат за Парламентот, кој има вкупно 600 пратенички места.

Право на глас на изборите имаа 64,11 милиони луѓе, а за прв пат имаа можност да гласаат над 4,9 милиони турски граѓани.

Актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, Кемал Киличдароглу и Синан Оган, според редоследот на гласачкото ливче, се кандидати за претседател на Турција.

Избирачките места беа претходно отворени надвор од Турција, во 75 држави и 156 турски претставништва.

Гласањето на граничните премини започна на 27 април, а во дипломатските претставништва на 5 мај и траеше до 9 мај, според претходно утврдениот распоред..

Над 3,41 милиони граѓани се регистрирани за гласање од странство.

Како што соопшти Врховната изборна комисија на Турција, нецелосни и неофицијални резултати ќе бидат објавени истиот ден, во првите часови по затворањето на гласачките места.