– Европската Унија (ЕУ) и Турција мора да ги зајакнат контактите на сите нивоа со конкретна и позитивна агенда за полноправно членство на Туркије во ЕУ, рече претседателот Реџеп Таип Ердоган во разговорот со претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел.
Во телефонскиот разговор со Мишел, Ердоган ја нагласи големата стратегиска вредност на Анкара за Европа, се вели во соопштението објавено од Дирекцијата за комуникации при турското Претседателство.
Ердоган ја истакна важноста на соработката во обновувањето на Царинската унија меѓу двете страни, како и за визната либерализација, справувањето со миграцијата и борбата против тероризмот.
Тој, исто така, рече дека праведниот третман на Турција и поддршката за нејзино полноправно членство во ЕУ ќе отворат нови хоризонти во односите.
Од своја страна, Мишел му честита на Ердоган за неговиот реизбор за претседател.
Во објавата на Твитер тој го потврди интересот на ЕУ за стратегиските и односите од заемна корист со Турција.
Мишел, исто така, ја нагласи важноста од искрен и отворен дијалог за перспективите на економските врски, како и мобилноста и безбедносната соработка.
Тој повтори дека високо се цени улогата на Турција во иницијативата за транспорт на жито преку Црно Море.
Турција аплицираше за членство во ЕУ во 1987 година, а од 1999 година е земја кандидат.
Преговорите за полноправно членство започнаа во октомври 2005 година, но беа во застој во последните години поради политичките пречки од одредени земји.