Ердоган: Знаеме што се случи во Сребреница, европските земји тоа немо го следеа, исто како и денес Газа

– Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека европските земји имаат долг кон Израел и затоа немо го следат крвопролевањето во палестинска Газа, исто онака како што беа неми набљудувачи и при крвопролевањето во Сребреница, БиХ.

Во интервјуто направено во текот на летот на враќањето од службената посета на Казахстан, Ердоган на прашањето на новинарите даде коментар на тоа што САД и Европа се наметнуваат како поборници за човекови права, а немо ги следат бруталните израелски напади врза блокираниот палестински Појас Газа.

„Неодамна реков, сите тие му должат на Израел, но Турција нема долг кон Израел. Не можам тоа појасно да го кажам. Сега Германија не може да го отплати својот долг, тоа е сосема јасно. И другите се исто такви. Некои тамошни политичари велат дека му се должни на Израел и дека е јасно дека го отплаќаат тој долг. Нема да откривам имиња. Еден германски политичар, со кој сум сосема искрен, рече дека се должни, знаете за холокаустот“, рече Ердоган.

Истакнувајќи дека историјата на двојни стандарди, непринципиелност и беззаконие се испишува во Европа, Ердоган рече дека денес е сосема јасно дека на европските земји им се врзани нозете за она што во минатото го правеле против Евреите.

„Што тоа ве тера да ги игнорирате низите лешови од бебиња? Што ја прави Европа толку слепа да не може да ги види бомбите кои паѓаат на Газа? Каков е тој верски долг кој може да ги натера луѓето да ги игнорираат грозните и нехумани масакри кои се еднакво лоши како и оние кои се сторени тогаш?“, запраша Ердоган.

Земајќи предвид дека Европската унија зазема став за сѐ, Ердоган запраша дали и ЕУ е должна?

„Добро знаеме што се случуваше во минатото, во Босна и Херцеговина, во срцето на Европа и како европските држави и тогаш молчеа и ги затвараа очите пред крвопролевањето, исто како и денес“, рече претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.