Ердоган: „Нападите на Израел врз Газа се воено злосторство, злосторство против човештвото“

 – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека израелските напади врз Газа претставуваат воено злосторство и злосторство против човештвото.

„Она што се случува во Газа е воено злосторство, злосторство против човештвото. На оние кои вршат такви злосторства мора да им се суди според меѓународното право“, изјави Ердоган во својот говор на Климатскиот самит на Обединетите нации (КОП28) во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

„На никаков начин не може да се оправдаат израелските напади во кои загинаа над 16.000 Палестинци, повеќето жени и деца“, рече Ердоган.

„Турција секогаш се залагаше за мир во сите кризи и работеше за праведни, правични решенија“, додаде тој.

„Израел утринава ги продолжи своите воени операции против Појасот Газа по завршувањето на хуманитарната пауза, со напади врз различни области на северот, центарот и јужниот дел на Појасот, што резултираше со десетици загинати и повредени“, јави Министерството за здравство во Газа.

Најмалку 32 Палестинци загинаа, а многу други се повредени додека Израел продолжи со нападите врз областите во Појасот Газа само три часа по завршувањето на паузата, соопшти Министерството.

Хуманитарната пауза меѓу Израел и Хамас, што стапи на сила на 24 ноември, заврши утринава.

На овогодишниот Климатски самит на ОН присуствуваат над 180 шефови на држави и влади од целиот свет. Забележителен е значителниот број барања за присуство, што надминува 500.000 учесници.

Конференцијата ќе продолжи до 12 декември.