Ердоган положи заклетва за трет мандат претседател на Турција

– Реџеп Таип Ердоган денес положи заклетва за својот трет мандат претседател на Турција, втор по преминот на земјата во претседателски систем на управување.

Ердоган по пристигнувањето пред зградата на турскиот Парламент најпрво ја поздрави почесната гарда построена во негова чест, по што започна свечената седница на Големото народно собрание на Република Турција, со која претседаваше привремениот претседател Девлет Бахчели.

Бахчели на претседателот Ердоган му го врачи сертификатот на Врховната изборна комисија како потврда за победата на Ердоган на претседателските избори одржани на 28 мај.

Ердоган потоа на говорницата на Парламентот свечено положи заклетва, со што и официјално го започна мандатот како нов претседател на државата. По полагањето на заклетвата, во Парламентот е интонирана и химната на Република Турција.

По оваа церемонија претседателот Ердоган ќе положи венец во Аниткабир, мавзолејот на првиот претседател на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк. Подоцна, во Претседателската палата ќе започне свечената инаугурација, на која ќе присуствуваат голем број официјални гости, како претседатели, премиери и други високи функционери од бројни земји, вклучувајќи ги и земјите од регионот.

Ердоган за првпат на функцијата претседател на Турција е избран во 2014 година, а воедно, тој е и прв директно биран претседател на оваа земја.

Според официјалните резултати на Врховната изборна комисија, Ердоган победи во вториот круг претседателски избори што на 28 мај се одржаа во Турција, со освоени 52,18 % гласови, додека опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу освои 47,82 %.