288 луѓе загинаа во железничка несреќа во Индија

Во железничката несреќа што се случи вчера во индиската држава Одиша животот го загубија 288 лица, а повеќе од 900 лица се повредени.

Железничката несреќа во која учествуваа два патнички воза и еден товарен воз, се случи вчера во 19:20 часот по локално време во близина на железничката станица Баханага Базар, во регионот Баласор.

Во несреќата загинаа 288 лица, а повеќе од 900 лица се повредени.

Според индиските медиуми, постои загриженост од можноста за зголемување на бројот на загинати во трагичниот инцидент, кој е опишан како „најголемата железничка несреќа“ во земјата во последните 20 години.

Локалното население учествува во спасувачките напори. Многу железнички линии се откажани поради несреќата.

Властите објавија дека патничките возови кои учествувале во несреќата им припаѓале на Коромандел експрес и Јашватпур-Хоура експрес.

Патничкиот воз на Коромандел експрес, кој тргнал од железничката станица Шалимар, се движел кон централната железничка станица Ченај.

Прадип Џена, висок функционер на државата Одиша, изјави дека во регионот се испратени 200 амбулантни возила, 50 автобуси, 45 мобилни клиники и повеќе од 1.200 полициски и спасувачки тимови.

„Благодарен сум на сите волонтери кои даруваа крв. Се обидуваме дополнително да испратиме лекари, амбулантни возила и автобуси“, рече Џена додавајќи дека се фокусирани на спасувачките активности и дека се истражува причината за несреќата.

Индиската претседателка Друпади Мурму во својата објава на Твитер изрази длабока тага за „трагичната несреќа“ и ја сподели тагата со семејствата кои ги загубија своите најблиски.

Премиерот на Индија, Нарендра Моди, рече дека се сретнал со министерот за железници во врска со несреќата и додаде дека се обидуваат да им ја дадат сета потребна поддршка на погодените од несреќата.

Моди, изразувајќи им сочувство на семејствата кои ги загубија своите најблиски, им посака брзо оздравување на повредените.