Ердоган по изборите: Победник е нашата земја, нашиот народ, без никаква дебата

Верувам дека првиот круг ќе го завршиме со повеќе од 50 отсто освоени гласови, рече Ердоган.

Претседателот на Република Турција и кандидат на денешните претседателски избори, Реџеп Таип Ердоган изјави дека се уште не се познати конечните резултати од денешните редовни претседателски и парламентарни избори во таа земја, но дека е премногу јасно дека тој како претседателски кандидат, а неговата политичка опција е во одлично водство.јавува Анадолија.

Ердоган вечерва пристигна од Истанбул во седиштето на владејачката Партија на правдата и развојот (АК Партија) во Анкара, каде што беше пречекан од илјадници поддржувачи.

„Со денешните избори Турција заврши уште еден фестивал на демократијата“, рече Ердоган во своето традиционално обраќање од балконот на седиштето на АК Партијата.

Потенцирајќи дека денешните избори се едни од оние со најголема излезност во историјата на Турција и дека такви избори во светот нема, Ердоган рече дека е јасно оти победник е неговата земја и народ.

„Верувам дека првиот круг ќе го завршиме со повеќе од 50 отсто освоени гласови“, рече Ердоган и додаде дека секако ги чека конечните резултати и ја почитува волјата на народот, како и во минатото.

Граѓаните на Турција денеска гласаа на редовните претседателски и парламентарни избори, избирајќи меѓу тројца претседателски кандидати, 24 политички партии и 151 независен кандидат за новото свикување на Големото национално собрание, кое има вкупно 600 пратенички места.

Врз основа на прелиминарните и нецелосни резултати по обработени 95,45 отсто од избирачките места, Ердоган е во водство со 49,5 отсто освоени гласови. Следи Кемал Киличдароглу со 44,09 отсто и Синан Оган со 5,31 отсто. Мухарем Инџе, кој пред два дена се повлече од изборната трка, доби 0,47 отсто од гласовите.

Право на глас на изборите имаат 64,11 милиони луѓе, а излезноста била 88,75 отсто.

Во трката за турскиот парламент, обработени се близу 94 отсто од избирачките места, а во водство е Народната алијанса, предводена од Партијата на правдата и развојот (АК Партија) со освоени 49,69 отсто од гласовите. Следи опозициската Национална алијанса, предводена од Народно-републиканската партија (ЦХП) со 35 отсто од гласовите.