Прелиминарните резултати од претседателските избори во Турција: Ердоган во водство пред Киличдароглу

Право на глас на изборите имаат 64,11 милиони луѓе, а излезноста била 88,56 отсто.

Врз основа на прелиминарните и нецелосни резултати по 85,82 отсто од обработените избирачки места, актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган води на претседателските избори во Турција, јавува Анадолија.

Граѓаните на Турција денеска гласаа на редовните претседателски и парламентарни избори, избирајќи меѓу тројца претседателски кандидати, 24 политички партии и 151 независен кандидат за новото свикување на Големото национално собрание, кое има вкупно 600 пратенички места.

Право на глас на изборите имаат 64,11 милиони луѓе, а излезноста била 88,56 отсто.

Според истиот редослед на гласачкото ливче во изборната трка за претседател на Турција учествуваат актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, Кемал Киличдароглу и Синан Оган.

Според прелиминарните резултати, обработени се 85,82 отсто од избирачките места, а Ердоган е во водство со 50,13 отсто освоени гласови.

Следи Кемал Киличдароглу со 44,09 отсто и Синан Оган со 5,31 отсто. Мухарем Инџе, кој пред два дена се повлече од изборната трка, доби 0,47 отсто од гласовите.

Во трката за турскиот парламент, обработени се 77,48 отсто од избирачките места, а Народната алијанса на чело со Партијата на правдата и развојот (АК Партијата) е во водство со освоени 50,86 отсто од гласовите. Следи опозициската Национална алијанса, предводена од Народно-републиканската партија (ЦХП), со освоени 34,35 отсто од гласовите.

Избирачките места претходно беа отворени надвор од Турција, во 75 држави и 156 претставништва на оваа земја. Гласањето на граничните премини започна на 27 април, а во дипломатските претставништва на 5 мај и траеше до 9 мај, според претходно утврдениот распоред.