ЕСКАЛАЦИЈА НА КОНФЛИКТОТ – НАТО испраќа нови војници во Косово, застрашувачка најава од Кремљ: “На Балканот му се заканува експлозија!“
НАТО во вторникот објави дека испраќа дополнителни сили во Косово по судирот меѓу КФОР и српските демонстранти.
Во судирите во понеделникот беа повредени 30 војници на НАТО (КФОР) и 52 демонстранти. Европската унија и Северноатлантскиот договор повикаа на деескалација на насилството.
Немирите во Косово избувнаа кога албанските градоначалници влегоа во општините во северниот, мнозински српски дел од земјата, што беше критикувано од САД и западните сојузници во петокот. Србите ги бојкотираа тие избори одржани во април.
„Како одговор на неодамнешните немири и повредите на 30 членови на КФОР, НАТО нареди распоредување на Оперативните резервни сили (ОРФ) на Западен Балкан“, соопшти воената алијанса денес.
Во меѓувреме, српските демонстранти во вторникот искршија два автомобили на албански новинари во градот Лепосавиќ.
Маскирани лица се приближиле до автомобил со албански регистарски таблички означен како „A2, CNN affiliate“ и му го скршиле ветробранското стакло, објави сведок за медиумската агенција Reuters.
Провалено е уште едно возило на друга медиумска компанија. Во двата инцидента нема повредени.
Во вторникот, српскиот претседател Александар Вучиќ побара од амбасадорите на западните земји да го „приберат“ косовскиот премиер Албин Курти, кого го смета за одговорен за последните инциденти, соопштија од неговиот кабинет.
Александар Вучиќ до т.н. амбасадори на квинтетот – САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција, истакна „големо незадоволство и силна загриженост“ наведувајќи дека дел од меѓународната заедница продолжува да толерира еднострани потези на Приштина, кои водат до насилство врз српската заедница.
Тој инсистираше на тоа дека – „Албин Курти мора да ги повлече специјалните полициски единици бидејќи Србите никогаш нема да ја прифатат нивната окупација“.
Александар Вучиќ се сретна и со амбасадорите на Кина и Русија во Белград. Според соопштението од кабинетот на Александар Вучиќ, Кина ја изразила својата загриженост за инцидентот и ги поддржува напорите на Србија за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет и се спротивставува на едностраните активности на Приштина.
По средбата со рускиот амбасадор беше соопштено дека Москва има „најсериозен пристап“ во следењето на развојот на ситуацијата и смета дека „развојот на настаните може да предизвика сериозна криза, дури и експлозија во целиот регион“.