ЕСКОБАР ОВОЈ МЕСЕЦ НАЈАВИ ПОВЛЕКУВАЊЕ: „Мојот мандат одамна истече, но побарав да останам затоа што верувам во напредок“
Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар денеска изјави дека верува оти Црна Гора ќе биде следната членка на ЕУ. Тој на онлајн брифинг со новинарите рече дека неколку земји од Западен Балкан цврсто се на патот на евроатлантските интеграции и дека е задоволен од тоа.
– Тоа посебно важи за членките на НАТО, Албанија, Северна Македонија и Црна Гора, кои се целосно ангажирани во целиот процес на пристапување во Европската Унија, истакна Ескобар.
Што се однесува на членството на Косово во СЕ, Ескобар посочи дека неколку земји членки на Советот на Европа бараат Косово прво да ја формира Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО). Тој рече дека ЗСО и некои прашања поврзани со српското малцинство, кои не се исполнети, се континуирани барања. – Тоа е она што ја поттикнува загриженоста дека Косово можеби нема да ги има гласовите за Советот на Европа, изјави денеска Ескобар.
Тој потсети дека САД немаат глас во оваа европска организација за човекови права, но ставот на Вашингтон е дека „Косово треба да биде полноправна членка на Европската Унија, НАТО и Обединетите нации и САД ќе продолжат да работат на тоа“.
– Што се однесува до европската интеграција, мислам дека е важно Косово да ги слуша своите европски сојузници и да работи со европските сојузници, бидејќи ја зајакнуваме кандидатурата на Косово во сите евроатлантски структури, додаде тој.
За време на овој онлајн разговор со новинарите, Ескобар, кому мандатот му завршува на крајот на овој месец, рече дека жали што за време на неговиот мандат договорот за патот кон нормализација на односите, постигнат меѓу Косово и Србија, не бил спроведен во годината што измина.
Тој ги обвини двете држави за неисполнување на обврските што произлегуваат од овој договор и од анексот за негова имплементација.
Ескобар потврди дека ја напушта функцијата специјален пратеник за Балканот и дека му завршил тригодишниот мандат. Тој објасни дека мандатот е всушност две години, но дека побарал да остане на таа функција уште една година.