– Заменик-помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Габриел Ескобар, во врска со процесот на уставни измени во Северна Македонија изјави дека се чувствува „многу возбуден“ што процесот започнал, изразувајќи надеж дека процесот ќе продолжи.
Ескобар престојува во дводневна посета на земјава, која доаѓа по почетокот на собраниската процедура за усвојување уставни измени во Северна Македонија, односно, меѓу другото, за вклучување на Бугарите во Уставот како услов за Северна Македонија да ги продолжи преговорите со Европската Унија (ЕУ).
По средбата со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, Ескобар рече дека Северна Македонија се смета за искрен пријател и сојузник на САД, бидејќи, како што истакна, во последните неколку години Северна Македонија им помага на САД во Авганистан и Украина.
Ескобар ја пофали и Северна Македонија за помошта на САД во постигнувањето на „историскиот договор“ меѓу Косово и Србија во Охрид, од кој, според американскиот претставник, ќе има корист целиот регион. „Овој договор немаше да се случи без вас“, додаде тој.
Што се однесува до процесот на уставни измени во Северна Македонија, Ескобар нагласи дека се чувствува многу возбуден што овој процес започнал.
„Затоа што сме многу возбудени што ќе ве видиме во ЕУ. Вие сте членови на евроатлантската заедница. Би сакале да ве видиме како наш близок пријател во сите тие структури. Затоа, среќен сум што процесот започна и се надевам дека ќе продолжи“, изјави Ескобар.
Во текот на денот, Ескобар ќе се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, чија партија се противи на уставните измени и бара брзи парламентарни избори.
Околу поддршката на меѓународната заедница за уставните измени, Мицкоски минатата недела оцени дека сѐ што се случува во моментов е „тортура и притисок“. Тој рече и дека „работите се многу сериозни и Македонија е во многу тешка ситуација“.
„Не сум тука да измачувам никого“, рече Ескобар, кој беше запрашан да ги коментира зборовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сакам да објаснам дека САД не избираат влади за земјите членки на НАТО. Но, поставивме очекувања, и едно нешто за кое ќе зборувам (на средбата) ќе биде да ја дадам истата порака што ја дадов низ целиот регион… дека САД ги гледаат како природни партнери оние кои се посветени на европската интеграција, посветени кон НАТО и посветена на борбата против корупцијата“, додаде Ескобар.
– Ковачевски: „Со оваа преговарачка рамка имаме целосна заштита на македонскиот јазик и идентитет“
Премиерот Ковачевски, од своја страна, рече дека преговарачката рамка како основа на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, е документ одобрен од сите 29 земји членки на европскиот Блок, поддржан од стратешките партнери на земјата.
„Преговарачката рамка содржи услови коишто ние треба да ги исполниме и исто така Европската Унија да ги исполни своите обврски коишто ги презеде и коишто веќе ги исполнуваат. Нов договор нема да има. Ниту пак, има можност за репреговарање на преговарачката рамка“, рече Ковачевски.
Тој ги критикуваше коментарите на опозициската партија за уставните измени, нагласувајќи дека во последно време сѐ помалку се користи оваа реторика против преговарачката рамка, како што рече, по сите деманти што ги добивале од високите претставници на ЕУ.
„Со оваа преговарачка рамка којашто Северна Македонија ја има, којашто е одобрена во Собранието, и како што сме го потврдиле, и денес повторно разговаравме со господинот Ескобар, имаме целосна заштита на македонскиот јазик и идентитет, и имаме можност да се движиме напред кон градење на подобро и попросперитетно општество за граѓаните на државата“, додаде тој.
Ковачевски истакна дека билатералните договори на Северна Македонија и Бугарија се „токму билатерални договори“ и нема да влијаат на процесот на евроинтеграции. Според него, „не може да има“ нови барања од Бугарија.
Првата средба на Ескобар се одржа вчера со претседателот Стево Пендаровски, на која, како што соопштија од претседателскиот Кабинет, била потврдена поддршката на САД за европските аспирации на земјата и следните чекори што земјата треба да ги преземе за унапредување во евроинтегративните процеси.