ЕУЛЕКС распореди специјализиран тим на северот на Косово

– Специјализиран тим составен од шест полициски советници е распореден на северот на Косово, со цел да се зајакнат постојните капацитети на мисијата ЕУЛЕКС.

Специјалниот тим на ЕУЛЕКС, како што е најавено, ќе ја советува косовската полиција како подобро да ги спроведува редовните полициски активности за спречување и борба против криминалот и осигурување на безбедноста, а во исто време ќе го надгледува почитувањето на обврските за човекови права, со цел да им служи на заедниците што ги штити и ја зголемува довербата на јавноста преку полициско работење фокусирано на заедницата.

Специјалниот тим на ЕУЛЕКС ќе биде распореден на период од два месеца, со можност за продолжување додека Мисијата не воспостави долгорочни советодавни капацитети на северот на Косово.

Тројца Холанѓани и тројца Швеѓани се распоредени на должност и ќе работат во северните општини во тесна соработка со колегите од косовската полиција и високите полициски советници на ЕУЛЕКС, кои ја советуваат Регионалната полициска управа во Северна Митровица и четирите полициски станици под нејзина команда.

„Распоредувањето на специјализирани тимови со различна експертиза и капацитети е помош овозможена со Договорот за заедничка цивилна безбедносна одбранбена политика одобрена во мај 2023 година за брзо распоредување експерти во цивилни мисии, со цел брзо да се одговори на оперативните потреби и безбедносните случувања на терен“, се посочува во соопштението на ЕУЛЕКС.