– Европската Унија денеска соопшти дека ги продолжува за една година санкциите против Белорусија „поради континуираната репресија спроведувана од режимот на претседателот Александар Лукашенко и неговата поддршка за војната која Русија ја води во Украина“.
Санкциите се продолжени до 28 февруари 2024 година, објави Европскиот совет, тело кое ги претставува 27 земји-членки на ЕУ.
Во Минск денеска беше побарана казна од 19 години затвор за белоруската противничка на режимот во егзил, Светлана Тихановска, на која од јануари и се суди во отсуство.
Од август 2020 година, ЕУ воведе серија санкции против одговорните за политичка репресија и кршење на човековите права во Белорусија.
На Лукашенко и на уште 194 луѓе блиски до режимот им е забранет влез во ЕУ, а нивните средства се замрзнати.
Дополнително, санкционирани се 34 правни субјекти и забранети се сите европски финансирања.
Белорусија, исто така, е предмет на насочени економски санкции, вклучувајќи ограничувања во финансискиот сектор, трговијата, стоките со двојна употреба, телекомуникациите, енергијата и транспортот.