ЕУ: Затворањето на општините ќе има негативни ефекти врз секојдневниот живот на Србите во Косово

 Европската унија изрази голема загриженост за операциите на специјалните единици на косовската полиција во канцелариите на институциите во општините Драгаш, Печ, Исток и Клина, како и во просториите на невладината организација Центар за мир и толеранција во Приштина и предупреди дека нивното ненадејно затворање ќе има негативни ефекти врз секојдневниот живот и условите за живот на косовските Срби, соопшти портпаролот на ЕУ, Петер Стано, јави дописникот на МИА од Белград.

-Европската унија со голема загриженост ги забележа овонеделните операции на специјалната полиција во канцелариите на институциите со кои управува Србија во општините Драгаш, Печ, Исток и Клина и во просториите на невладината организација Центар за мир и толеранција во Приштина. Ненадејното затворање на овие канцеларии ќе има негативни ефекти врз секојдневниот живот и животните услови на заедниците на косовските Срби, бидејќи ќе го ограничи нивниот пристап до основните социјални услуги со оглед на очигледното отсуство на алтернативи во моментот, изјави портпаролот на ЕУ во соопштението.

Во него се наведува дека статусот на овие структури се очекува да се реши во рамките на дијалогот што го води ЕУ, во врска со формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО).

-Затоа, ЕУ го повикува Косово да избегне еднострани дејствија кои би можеле да ги подигнат тензиите и да се справи со овие прашања преку дијалогот предводен од ЕУ, кажа портпаролот на ЕУ.

Во петокот, косовската полиција изврши рација во канцелариите на „привремените власти на општините Печ (во Гораждевац), Исток (во местото Осојане) и Клина (во селото Видање) и ги затвори тие општини.