Поради исполнетоста на своите капацитети за складирање гас, Европската унија почна да пласира вишок залихи во Украина.
Во моментов во Украина има повеќе од две милијарди кубни метри гас на компании од ЕУ.
Како што известува Фајнл Тајмс (ФТ), и покрај борбите на земјата, Украина стана интересна дестинација за складирање гас, бидејќи на клиентите им нуди евтини тарифи и тригодишно ослободување од давачки, што овозможува лесно реувоз на гас во ЕУ.
Според украинската енергетска компанија Нафтогас, капацитетите за складирање на гас се наоѓаат длабоко под земја, претежно на западот на земјата и далеку од линијата на фронтот.
Здружението на оператори со гасна инфраструктура на Европа (GIE) објави дека пополнетоста на складиштата за гас во Европа на 30 октомври изнесува 99,24 отсто. Целта на Брисел беше до 1 ноември магацините да се наполнат со гас до 90 отсто, но тоа веќе беше постигнато во средината на август.
Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) претходно на својата веб-страница објави дека Европа би можела да наполни речиси 100 отсто од складиштата на гас, но студената зима, и покрај толку високите залихи, може да доведе до нестабилност на пазарот.
ИЕА наведе и дека резервите на гас во европските магацини би можеле да паднат под критичното ниво од 20 отсто до крајот на грејната сезона.