Унијата планира до 2035 година целосен прекин на производството на возила со бензин и дизел мотори. Напорите на Западен Балкан во оваа насока се минимални.
Европската Унија на неодредено време го одложи гласањето по предлог законот со кој по 2035 година се забранува производството на автомобили со внатрешно согорување односно автомобили кои работат на бензин и дизел. Најголеми противници на ваквото решение се земјите со голема автомобилска индустрија, Италија и Германија.
Со предлог законот, ЕУ сака да ја сведе на нула емисијата на штетни гасови, но Италија и Германија сметаат дека рокот е преуранет и нереален.
Такви се размислувањата во ЕУ, но каква е ситуацијата на Балканот со бројот на возила на бензин и на дизел? Како влијание би имала реализацијата на ваквото сценарио? Во продолжение ги пренесуваме одговорите на овие прашања според последните достапни статистички показатели од земјите во регионот.
Автомобили стари две децении по македонските патишта
Податоците од последниот попис во Северна Македонија покажуваат дека во земјата има околу 477.000 регистрирани автомобили. Тие во просек се стари 19,3 години. Од нив, околу 57 отсто или 271.934 се дизел, приближно 40 отсто или 194.393 се автомобили на бензин, а 2,5 отсто или 11.720 се на плин, објави Државниот завод за статистика. Само 0,03 отсто се електрични автомобили.
Србија со предлог закон за замена на возила
На патиштата во Србија се движат околу два милиони регистрирани автомобили. Од нив само 0,01 отсто се електрични автомобили. Осумдесет отсто од возилата во Србија се постари од 10 години. Од патничките возила во Србија доминираат оние до 1.399 кубни сантиметри. Поголем дел од возилата се на бензин иако од половните возила кои се увезуваат како и од оние за прв пат регистрирани минатата година најголем дел се на дизел. Србија од 2024 година ќе воведе закон со кој старите дизел горива ќе можат под одредени услови да се заменат со Еуро 6 мотор.
Дизелот доминира во БиХ
Во Босна и Херцеговина 60 отсто од возилата се постари од 15 години. Според податоците на Федералниот завод за статистика на БиХ такви се 439.883 од 708.299 возила. Најголем дел од возилата или 482.158 користат дизел гориво, додека 116.884 користат бензин.
Повеќе од две третини во Албанија возат на дизел
Во Албанија на почетокот на 2022 година се регистрирани 740.669 возила. Од нив 593.280 се патнички возила. Кај оваа категорија со 73,6 отсто најзастапени се автомобилите на дизел пред оние на бензин со 17,3 отсто.
Слична ситуација во Косово
Во иста насока се движи ситуацијата и на Косово. Таму според Министерството за внатрешни работи, во декември 2022 година биле регистрирани 395.840 возила. Од нив само 74 се електрични. Најголем број од автомобилите користат дизел гориво. Такви се 329.403 автомобили.
Секое 500 возило во Црна Гора е електрично
Во Црна Гора се регистрирани 256.180 автомобили. Меѓу нив само 444 се електрични. Што значи дека такво е секое 500 возило во земјата, односно овие возила се застапени со 0,1 отсто. И во Црна Гора особено меѓу половните автомобили доминираат дизел возилата. Во некои делови од државата возилата се стари и по 20 години додека просечната старост на автомобилите во Црна Гора е 15,3 години.
Каква е ситуацијата во Европа?
Речиси половината од продадените возила во земјите од ЕУ во третиот квартал од 2022 биле хибридни или електрични. Податоците од Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA) покажуваат дека електричните и хибридните автомобили во продажбата учествувале со 43 отсто. Продажбата на автомобили на бензин е намалена за 3,3 отсто иако се уште се најпопуларни во Европа со 37 отсто од пазарот. Дизел автомобилите имаат пад од 7,4 отсто и на пазарот се застапени со 16,5 отсто.
TRT Balkan