Земјите од Европската Унија дадоа зелено светло за укинување на сите економски санкции врз Сирија, со цел да се помогне на земјата, разорена од војна, да се опорави по падот на режимот на Башар ал-Асад.
Амбасадорите од 27-те земји-членки на ЕУ постигнаа почетен договор за овој потег, кој официјално би можел да биде откриен на состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел, објавува „Телеграф“.
Овој потег следува по минатонеделното соопштение на САД дека ќе ги укинат и сите санкции врз Дамаск.
Дипломатите на ЕУ изјавија за АФП дека договорот треба да предвиди укинување на санкциите што ги исклучуваат сириските банки од глобалниот систем и ги замрзнуваат средствата на централната банка.
Но, дипломатите рекоа дека блокот има намера да воведе нови индивидуални санкции врз оние што се одговорни за поттикнување на етнички тензии, по смртоносните напади насочени кон алавитското малцинство.
Другите мерки насочени кон режимот на ал-Асад и забраната за продажба на оружје или опрема што може да се користи за потиснување на цивилите ќе останат на сила.
Најновиот потег на ЕУ доаѓа откако во февруари презеде прв чекор за суспендирање на некои санкции врз клучните сириски економски сектори.
Официјалните лица изјавија дека овие мерки би можеле да бидат вратени ако новите лидери на Сирија ги прекршат ветувањата за почитување на правата на малцинствата и движење кон демократија.