ЕУ тврди дека е постигнат договор меѓу Србија и Косово! Вучиќ: „Ништо не потпишав“

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, изјави дека по тешките разговори меѓу Косово и Србија е постигнат договор за нормализација на односите.

„Косово и Србија се договорија за спроведување на анексот на договорот за нормализација на меѓусебните односи“, изјави Борел за новинарите по разговорите во Охрид што ги одржаа српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти со претставници на Европската унија.

Постигнат е договор за формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО), која на општините со српско мнозинство ќе им даде поголема автономија, рече Борел.

„Косово се согласи да започне веднаш (и кога велам веднаш, мислам веднаш) преговори со Европската унија што би го олесниле дијалогот за воспоставување специфичен аранжман и гаранции за обезбедување соодветно ниво на самоуправа за српските заедници во Косово“, рече Борел.

„Косово и Србија се договорија за имплементациски анекс на договорот за патот кон нормализирање на меѓусебните односи“, додаде тој.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е постигнат некаков договор, но дека тој ништо не потпишал.

,,Денеска требаше да се договориме за планот за имплементација, постигнавме некаков договор, задоволен сум од тоа“, рече Вучиќ.

Албин Курти, пак, рече дека Србија „бега од потпишување на договорот“.

„Постигнавме јавен договор за анексот кој ќе го води спроведувањето на основниот договор“, рече Курти, тврдејќи дека другата страна, исто како на последната средба во Брисел, на 27 февруари, сега и во Охрид бега од потпишување на анексот.

ЕУ бара механизам со кој статусот на овој договор ќе биде правно обврзувачки, рече Курти.