Жесток одговор на Карло Анчелоти на прозивката од Барселона: “Сите многу добро знаат што се случи во последните 23 години“
Реал Мадрид минатата недела поништи негатива од два гола против Алмерија и на крајот победи со 3:2 на „Сантијаго Бернабеу“. Тоа беше натпреварот по кој најмногу се зборуваше за судиските и ВАР одлуките, а особено интересна беше изјавата на тренерот на Барселона, легендарниот Чави.
„Сите видовте што се случи, ќе биде тешко да се освои оваа лига“, се осврна тренерот на каталонскиот гигант за контроверзните судиски одлуки кои според медиумите и јавноста му дадоа на Реал Мадрид ветер в грб.
Во меѓувреме, претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, зборуваше многу посилно за тој натпревар, изјавувајќи дека „Ла Лига е фалсификувана, а ВАР-от е земен како заложник“. Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, во петокот одговори на коментарите од Барселона.
„Неделава се зборуваше многу. Мислам исто како порано, не сакам да навлегувам во такви работи. Не треба да го оттргнуваме вниманието од клучното прашање. Сите знаат што се случуваше во последните 23 години во шпанскиот фудбал. Лигата не беше фалсификувана, шпанскиот фудбал имаше проблеми. Сега антикорупциското обвинителство и полицијата водат истрага и сега треба да почекаме“, вели Карло Анчелоти.
Кога новинарите побараа од него да ги коментира изјавите на Чави и Лапорта, Италијанецот одби, накратко велејќи дека не сака да се навраќа на тоа. До крајот на прес-конференцијата тој накратко се осврна на следниот натпревар против Лас Палмас, кој заедно со Џирона е едно од најголемите изненадувања во Ла Лига оваа сезона.
„Тоа е натпревар кој може да биде многу комплициран бидејќи Лас Палмас игра многу добар фудбал. Ќе биде напорно. Имаме мотив повторно да играме на нашето најдобро ниво по натпревар во кој видовме дека ако не сме во право со сите може да имаме проблеми“, заклучи Карло Анчелоти.