ЖЕСТОК УДАР ОД АМЕРИКАНЦИТЕ ЗА ВИКТОР ОРБАН – САД им го отежнаа влезот на Унгарците во земјата

Соединетите Американски Држави (САД) во вторникот воведоа ограничувања за сопствениците на унгарски пасоши во рамките на нивната програма за укинување на визите, наведувајќи го неуспехот на Будимпешта да се справи со безбедносните прекршувања поврзани со доделувањето државјанства на Унгарците во соседните земји.

Амбасадата на САД во Будимпешта објави дека периодот на важност на визата што им се нуди на Унгарците според Електронскиот систем за овластување за патување (ESTA) ќе се намали веднаш од две на една година и дека ќе бидат дозволени само единечни посети, а не повеќекратни посети според системот.

Од 2011 до 2020 година, унгарските власти им дадоа државјанство на околу еден милион етнички Унгарци во соседните земји без соодветни безбедносни мерки за проверка на нивниот идентитет“, соопшти амбасадата на САД во Унгарија.

Доделувањето државјанство беше политички потег на Виктор Орбан што му донесе гласови на следните избори, пишува медиумската агенција Reuters.

Односите меѓу двете земји се оптоварени со одложувањето на гласањето за ратификација на приемот на Шведска во НАТО во унгарскиот парламент и политиката на националистичката Влада на премиерот Виктор Орбан кон ЛГБТК луѓето. САД тврдат дека Унгарија ги ограничува правата на ЛГБТК луѓето.

Построгите услови за влез во САД беа воведени еден ден откако владејачката партија на Виктор Орбан, Фидес, ја бојкотираше парламентарната седница свикана од опозициските партии за гласање за кандидатурата на Шведска за НАТО, а сепак на крајот не се гласаше за шведската кандидатура.

Шведска поднесе барање за членство во НАТО минатата година по руската инвазија на Украина, но приговорите од Турција и Унгарија ја одложија нејзината кандидатура.

Висок претставник на американската Влада рекол дека промените не се однесуваат на ниту една од другите 39 земји кои учествуваат во Програмата за укинување на визите и дека истите се уникатни за Унгарија.

Постои системски проблем, а тоа се стотиците илјади пасоши кои беа издадени меѓу 2011 и 2020 година без да се бара проверка на идентитетот“, рекол владиниот функционер.

Запрашан дали овој потег е поврзан со други прашања што предизвикаа несогласувања меѓу двете влади, функционерот рекол дека потегот не треба да се толкува како порака за други прашања.

Официјалниот претставник рекол дека безбедносните пропусти во Унгарија биле идентификувани долго пред руската инвазија на Украина.

Во 2014 година, САД им забранија на шест Унгарци да влезат во САД како предупредување до Владата на Виктор Орбан да се откаже од политиките што се закануваа да ги поткопаат демократските вредности.